Што е автоимун енцефалитис?

Автоимуниот енцефалитис е збир на повеќе заболувања во кои имунолошкиот систем на телото го напаѓа мозокот, предизвикувајќи воспаление. Имунолошкиот систем произведува супстанции наречени антитела кои погрешно ги напаѓаат мозочните клетки.

Како и мултипла склероза (болест кај која нервните клетки на мозокот и ‘рбетниот мозок се оштетуваат), болеста може да биде прогресивна (се влошува со текот на времето) или рецидивирачко-ремитирачка (со наизменични влошувања и периоди на закрепнување). Автоимуниот енцефалитис има многу подтипови кои зависат од присутните антитела.

Ако не се лекува, автоимуниот енцефалитис може многу брзо да напредува. Тоа може да доведе до кома или трајна повреда на мозокот. Во ретки случаи, исходот може да биде фатален.

 

Кој добива автоимун енцефалитис?

Автоимуниот енцефалитис некогаш се сметаше за редок, но во денешно време лекарите откриваат сè повеќе случаи бидејќи се подобрува нивната способност да го дијагностицираат. Студијата од 2018 година откри 13,7 случаи на 100.000 луѓе.

 

Фактори кои го зголемуваат ризикот од оваа болест вклучуваат:

Пол: Оваа болест, како и многу автоимуни болести, ги погодува жените почесто отколку мажите.

Возраст: може да се случи на која било возраст, но најчесто се дијагностицира кај млади жени.

Раса/етничка припадност: Можеби е многу почеста кај црната раса, според студијата од 2018 година, но потребни се повеќе истражувања.

 

Што предизвикува автоимун енцефалитис?

Во многу случаи, причината за автоимуниот енцефалитис е непозната. Но, експертите велат дека тоа може да биде предизвикано од:

Изложеност на одредени бактерии и вируси, вклучувајќи стрептокок и вирус на херпес

Вид на тумор наречен тератом, генерално во јајниците, кој предизвикува имунолошкиот систем да произведува специфични антитела.

Ретко, некои видови на рак кои можат да предизвикаат автоимуна реакција (кога имунолошкиот систем ги напаѓа сопствените ткива на телото).

 

Видови на автоимун енцефалитис

 

Видовите вклучуваат:

 

  • Акутен дисеминиран енцефаломиелитис (АDЕМ)
  • Анти-NMDAR рецепторен енцефалитис
  • Хашимото-ова енцефалопатија
  • LG11/CASPR2-антитело енцефалитис
  • Лимбичен енцефалитис
  • Расмусен-ов енцефалитис

 

Симптоми на автоимун енцефалитис

Симптомите може да се појават во период од денови или недели. Тие исто така може да варираат во зависност од видот на автоимуниот енцефалитис.

Раната фаза на болеста може да вклучува симптоми слични на грип, како што се главоболка, треска, гадење и болки во мускулите. Психијатриските симптоми може да се појават, исчезнат и повторно да се појават. Подоцнежните симптоми може да бидат потешки, како што се пониско ниво на свест и можна кома.

 

Вообичаени симптоми вклучуваат:

  • Нарушена меморија и разбирање
  • Невообичаени и неволни движења
  • Неволни движења на лицето (дискинезија на лицето)
  • Тешкотии со рамнотежа, говор или вид
  • Несоница
  • Слабост или вкочанетост
  • Тешка анксиозност или напади на паника
  • Компулсивно однесување
  • Променети сексуални однесувања
  • Промени во однесувањето како што се возбуда, страв или еуфорија
  • Халуцинации
  • Параноични мисли
  • Губење на свеста или кома

 

Дијагностицирање на автоимун енцефалитис

Автоимуниот енцефалитис може да биде тешко да се дијагностицира. Бидејќи се смета за ретка болест, лекарите може да го помешаат со нарушување на менталното здравје или злоупотреба на дрога. Во исто време, раната дијагноза е важна за да се избегнат сериозни компликации.

Ако покажете знаци на автоимун енцефалитис, вашиот лекар ќе направи невролошки преглед за да ги измери вашите рефлекси, нервните функции, размислувањето и другите процеси. Исто така, може да имате тестови за да се исклучат други состојби.

 

Тестовите може да вклучуваат:

Лумбална пункција за да се повлече примерок од цереброспиналната течност  (течноста што го опкружува вашиот мозок и’ рбетниот мозок). Течноста може да се испита за знаци на автоимун енцефалитис или друга болест.

Тестови на крвта за да се бараат антитела кои може да укажуваат на автоимун енцефалитис.

МРИ (магнетна резонанца), која го скенира вашиот мозок за да ги идентификува знаците на болеста.

Општо земено, дијагнозата на автоимун енцефалитис бара три услови:

  1. Краткорочно губење на меморијата, психијатриски симптоми или други симптоми на изменета ментална состојба, сето тоа во рок од три месеци
  2. Најмалку едно од следниве:
  • Вкочанетост, слабост или парализа што влијае на одреден екстремитет или област на телото
  • Напади кои не можат да се објаснат со други состојби
  • Висок број на бели крвни клетки во цереброспиналната течност
  • МНР што покажува знаци на воспаление на мозокот
  1. Исклучување на други причини

 

Третман за автоимун енцефалитис

Раниот третман може значително да ги намали симптомите и да ги намали шансите за долгорочни компликации.

 

Третманите може да вклучуваат:

  • Операција за отстранување на тератом.
  • Стероиди за намалување на воспалението на мозокот и одговорот на имунолошкиот систем.
  • Плазмафереза (отстранување и замена на течниот дел од крвта) за отстранување на штетните антитела.
  • Интравенски имуноглобулин (IVIG), за да се внесат антитела од плазмата на здрави донатори. IVIG ги отстранува штетните антитела и го намалува воспалението.
  • Имуносупресивни лекови (лекови кои го сузбиваат имуниот систем и спречуваат создавање на антитела, кои го напаѓаат сопствениот организам), доколку другите третмани не се ефикасни.

 

Линкови:

Спектрум е невладино и непрофитабилно здружение, основано од родителите на деца/лица со пречки во развојот, кое оперира во Северна Македонија и во регионот.

Заедно сме посилни

Зачлени се

Leave A Comment

Related Posts